СОНОТ НА ПЕПЕРУТКАТА
Што мислите, дали Теодор треба да ја очекува пеперутката среде зима?
Јас сум пријателка на Маја и Вили. Денес ме повикаа да му дадам неколку одговори на Теодор.
Се надевам дека не само него, туку и на вас ќе ви биде појасно како се развиваме ние пеперутките.Нашиот дом, нашата животна средина е ливадата. Ние сме љубители на шарени бои, многу ги сакаме цветовите. Но треба да знаете дека сме многу нежни и плашливи. Нашите шарени крилја се толку многу нежни што никој не смее да ни ги пофаќа. Летаме од цвет на цвет и помагаме во оплодувањето и размножувањето на растенијата така што пренесуваме поленов прав.
Драги Теодоре, а и вие дечиња, не треба да не чекате да ве посетуваме среде зима. Во зима ние пеперутките хибернираме.
Сигурно се прашувате што е тоа хибернирање!
Хибернирање или зимски сон е состојба кога нашето тело го успорува метаболизмот за време на зимата. Пред да настапи зимата бараме некое заштитено и потопло место, во кората на некое дрво или некаде во некој дом каде така успани и забавени ја презимуваме зимата.
Со доаѓањето на пролетта се појавуваме и ние.
Мајката пеперутка положува на лист од некое растение голем број јајца. После положувањата на јајцата мајката пеперутка го завршува својот краток век.
Од јајцата потоа се развива ситна мала гасеница која се храни со растителна храна.
Гасеницата е многу лакома, права лапачка. Но сепак таа е пребирлива и внимателна јаде растителна храна само од растението на кое било нејзиното јајце.
Погледнете колку дебели и големи станале гасениците!!!
Кога е веќе вака нахранета и здебелена доаѓа крајот на нејзиниот период како гасеница. Во овој дел од животот гасениците се претвораат во кукли. Е се прашувате што пак сега имаат врска куклите со нас. Tоа не се оние ваши кукли барбики. Нашите кукли се обвивки кои гасеницата ги плете од многу тенок свилен конец се додека не се направи цврста обвивка. Внатре во кожурецот гасеницата ниту јаде, ниту пие, ниту пак се движи.
Внатре во кожурецот гасеницата полека се менува и се преобразува. Е, а во што се претвора нека биде изненадување!!!!
Погледнете го кожурецот распукува! Време е некој да се појави од внатрешноста на куклата.
Еве сме на крајот од нашата преобразба. Погледнете во што се претворија дебелите и зелени гасеници! Во вистински убавици, прекрасни пеперутки! Кога ќе излеземе од кожурецот ги шириме нашите прекрасни шарени крилја и веднаш летнуваме. Нашите очи многу добро ги препознаваат боите, па така лесно ги пронаоѓаме шарените цвеќиња и се сладиме со нивниот нектар.
Ајде накратко да се потсетиме што денес научивме за пеперутките!
Значи откако пеперугата ќе излезе од кожурецот и ќе ги исуши влажните крилја, ќе одлета во потрага на партнер. По спарувањето и полагањето на потомство, завршува нејзиниот краток век. Па така почнува се од почеток од јајце преку гасеница до пеперуга.......... За некои пеперутки животот трае само 1 ден а за некои до 6 месеци. Секоја пеперутка има долга цицалка со чија помош се храни.
За подобро да запомниме!
http://www.turtlediary.com/kids-videos/butterfly-life-cycle.html
Од нашата работилница!